Ерменија и Азербејџан потпишаа мировен договор 

Лидерите на Ерменија и Азербејџан вчера се сретнаа во Белата куќа и потпишаа мировен договор. Лидерите, со ракување и потписи ставија точка на деценискиот конфликт меѓу двете земји.

На церемонијата, американскиот претседател Доналд Трамп стоеше во средината – лево од него претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, а десно ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Договорот, потпишан и од страна на САД, предвидува повторно отворање на клучни транспортни врски и изградба на голем транзитен коридор кој ќе го носи името „Трамп рута за меѓународен мир и просперитет“. Според Белата куќа, овој проект има цел да го зајакне американското присуство во регионот во време кога влијанието на Москва опаѓа.

„Голема чест е за мене“, изјави Трамп, нагласувајќи дека не побарал неговото име да биде ставено на коридорот. Висок американски претставник појасни дека иницијативата дошла од ерменската страна.

Поддршка од НАТО и ЕУ

НАТО и ЕУ веднаш го поздравија договорот. „Го поздравуваме напредокот кон мир меѓу Ерменија и Азербејџан и му се заблагодаруваме на претседателот Трамп за неговата инвестиција во мирот. Ова е значаен чекор напред,“ изјави портпаролката на НАТО, Алисон Харт.

Европската Унија, преку заедничка изјава на сите 27 членки, оцени дека договорот претставува „значаен пробив кон завршување на деценискиот конфликт“ и отвора пат за целосна нормализација на односите врз основа на меѓусебно признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет.