Премиерот Христијан Мицкоски остро одговори на критиките од опозицијата во врска со состојбата на економијата, нарекувајќи ги обвинувањата за економска катастрофа „претерани и неосновани“. Тој изјави дека, според неговата Влада, економските индикатори се позитивни, а дека вистинската катастрофа не е во сегашните економски трендови, туку во „разбојничкото управување со државните ресурси“ од страна на претходната власт.

Вистинската катастрофа и стабилизација на економијата

Мицкоски посочи дека, за разлика од прогнозите на опозицијата, економијата е стабилизирана, а претходното „слободно паѓање“ е запрено. Според него, тековните економски показатели укажуваат на консолидација и напредок.

  • Економијата веќе не е во слободен пад, напротив, ја стабилизиравме и ја ставивме на добар пат. Единствена катастрофа е она што СДСМ и ДУИ го направија за време на нивното седумгодишно владеење, каде што управуваа со државните ресурси на разбојнички начин,“ изјави премиерот.

СДСМ со критики за економскиот раст

Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи денеска истакна дека економските прогнози за оваа година не се исполнети и наместо очекуваниот аст од 2,5%, според податоците на Светската банка, економскиот раст ќе изнесува само 1,8%. Ова, според него, укажува на неуспешни економски политики од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

  • „Намалениот раст е јасен сигнал дека политиките на актуелната влада не функционираат и дека економијата е во слободен пад,“ изјави Битиќи, додавајќи дека потребни се итни реформи за да се избегне целосна економска криза.

Обвинувања за претходното владеење на СДСМ и ДУИ

Во својата реакција, Мицкоски потенцираше дека е задоволен од сегашните економски резултати, обвинувајќи ја СДСМ за катастрофалните состојби што ги оставила по нивното долгогодишно управување.

  • „Она што е катастрофално не е економската прогноза, туку состојбата која ја оставија после седум години некомпетентно и корумпирано владеење. Ние успеавме да го сопреме падот и да ги стабилизираме економските индикатори,“ рече Мцкоски, критикувајќи го опозициското раководство за нивната реторика.

Според него, СДСМ постојано дава погрешни предвидувања и ги користи прес-конференциите за да ја пренесе погрешната слика на јавноста.

Обвинувања за злоупотреба на државните ресурси

Мицкоски исто така го искористи моментот да потсети на „злоупотребите“ на претходната влада.

  • „Секое нивно обвинување само ги потсетува граѓаните на корупцијата и злоупотребите што ги правеа со државните ресурси. Нивната реторика само го потврдува нивното седумгодишно разбојништво и националните отстапки што ги направија во интерес на своето лично богатење,“ изјави Мицкоски, потенцирајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со напорите за економска консолидација.