На овој број можете да се јавите дури и кога немате кредит на мобилниот.
– Бројот 112 потребно е да го знае секој граѓанин без разлика каде живее. Примателот на повик ќе има задача да ја одржи жртвата во живот, доколку се наоѓа во животна опасност. Локацијата на пријавувачот ќе биде веднаш видлива за вработените во кол центарот благодарение на најновата ИТ базирана платформа. Податоците веднаш ќе бидат достапни за брза помош, а истовремено податоците ќе ги гледа и МВР. Со снимање на разговорите ќе се спречат лажни пријави, рече директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Кол центарот ќе започне да работи на 11 февруари, Ден на единствениот европски број за повици за итни ситуации. Ќе бидат ангажирани околу 50 лица, а предност ќе имаат вработените на неопределено во државната администрација, за како што рече директорот на ЦУК, Стојанче Анхелов, да нема нови вработувања.
– Предложивме до Владата да се направи измена во платите на вработените во кол центарот, со тоа што примателите на повици ќе имаат повисока плата за 30 проценти, односно 35 проценти поголема плата за тие што зборуваат англиски јазик. Кандидатите ќе подлежат на тестови за интелегенција, карактерни особини и англиски јазик, информира Ангелов.
Во моментов во државата има четири броеви за примање повици. Со воведувањето на единствениот европски број 112 граѓаните ќе имаат можност на едно место да пријавуваат поплави, пожари, сообраќајна несреќа, болничка нега. Сите повици ќе се примаат во осум регионални центри во државата.
Оваа платформа ќе овозможи мултијазична поддршка на граѓаните и ќе овозможува поддршка на групи на граѓани со посебни потреби, слепи, глуви. Ќе функционира и преку повици преку смс и преку пораки на социјални мрежи.
Раководител на проектот е Душко Петровски, а негов помошник е Тони Костов.