Кошта ги повика лидерите на ЕУ на неформален самит во Белгија

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги покани шефовите на држави или влади на земјите членки на Европската Унија на неформален самит на 12 февруари во замокот Алден Бисен во источна Белгија. Во поканата тој го нагласува зајакнувањето на единствениот пазар како итен стратешки императив во актуелниот геополитички контекст.

– Треба да направиме повеќе за ефикасно намалување на националните бариери и да ја направиме регулаторната рамка на сите нивоа, вклучително и на европско ниво, поповолна за инвестиции, иновации и раст на компаниите. На пример, преку создавање нов 28. режим, што може да им помогне на компаниите да се зголемат, вклучително и со намалување на административните оптоварувања. Забрзувањето на работата на Унијата за штедење и инвестиции, за подобро насочување на заштедите кон продуктивни инвестиции во Европа, исто така ќе биде клучна компонента на овој напор – наведува Кошта во поканата.

Според него, покрај потребата за продлабочување, хармонизирање и понатамошно интегрирање на единствениот пазар на ЕУ, на многу европски компании во клучни сектори, како дигиталниот, телекомуникациите, пазарот на капитал и енергетиката, им недостигаат потребните вештини за да ги постигнат нивоата на инвестиции и иновации потребни на глобалниот пазар.

– Европа е отворена за трговија. Европската Унија со право ја унапредува својата агенда за диверзификација на трговијата неодамна со економската сила Индија. Но, нашата отвореност не треба да се меша со слабост. Европа мора и да ја забрза својата амбициозна трговска агенда и да ги заштити своите компании од нелојална конкуренција преку фокусирана заштита во стратешките сектори. Правилата што дозволуваат европски преференции во некои стратешки области и систематски пристап кон економско намалување на ризикот ќе мора да бидат дел од оваа равенка – наведува Кошта во поканата.

Тој посочува дека дискусијата на самитот ќе биде насочена кон позиционирањето на Европската Унија во актуелниот геоекономски контекст на зголемена и не секогаш фер економска конкуренција и трговски нерамнотежи, како и кон утврдување на главните приоритети, внатрешната стратегија и политиките за продлабочување и комплетирање на единствениот европски пазар.

– Ги поканив Марио Драги и Енрико Лета да ни се придружат за да ги споделат своите визии за европската конкурентност и како тие еволуирале од објавувањето на нивните два револуционерни извештаја – додава Кошта во поканата.

Неформалните самити се средби на лидерите на ЕУ на кои не се носат формални одлуки, туку се разменуваат мислења за актуелни прашања.

 

 

Кошта ги повика лидерите на ЕУ на самит во Белгија