Помина една година од помпезната вест на полицијата дека го пронашла дојавувачот на лажните бомби во средните скопски училишта. И покрај тоа што уште истиот ден се докажа дека Никола Николовски – Боемот нема никаква поврзаност со дојавите за бомби, полицијата сепак сѐ уште овој случај го држи отворен, или како што пишува Николовски во објава на социјалната мрежа Инстаграм: „Сѐ што има ново околу ова е СТАТУС КВО“.

Филмско апсење, тортура по полициски станици, помпезни најави по медиуми и владин пи-ар дека ме уапсиле како дојавувач за бомби. Среќа вистината е доволно моќна, па не успеаа да ме наместат. Доживеав огромен стрес, а сцените од тој втори ноември како флешбекови сѐ уште се присутни, пишува Николовски на Инстаграм.

За потсетување, на 02.11.2022 година Никола Николовски од кафе средба завршил во полициска станица, во неговиот дом полицајците вршеле претрес, а освен тоа и го барале околу неговиот дом додека тој сам се пријавил по повик од МВР. Николовски беше мета и на погрдни коментари и осуда од јавноста, нарекуван како „бомбаш“, што допре и до неговата фамилија.

Не успеаа да ме замолчат, а и никогаш по ниедна цена нема да успеат. Цената во Македонија која се плаќа за изразувањето на слободната мисла е оваа – лишување од слобода, притисоци и тортури, додава тој.

Една година подоцна тој се огласи на социјалните мрежи и вели дека полицијата и покрај ветувањата, сѐ уште му ги нема вратено уредите, односно телефон и лаптоп.

Од тогаш помина многу време а сѐ што има ново околу ова е СТАТУС КВО. Предметот сѐ уште е активен и сѐ уште не ги добив назад мојот телефон и лаптоп. Затоа и нема да соопштувам дополнителни детали, се надевам дека еднаш засекогаш ќе се расчисти ова, заклучува Николовски.

Николовски се надева дека овој случај конечно ќе добие разврска и уредите ќе му бидат вратени. На својата објава тој додава дека ова му било добра поука и школо за она кое допрва следи – во политиката не се бираат методи да те оцрнат.

Неговата објава ја пренесуваме во продолжение:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nikola Nikolovski (@boemot.mk)