Една година затвор за полицаецот од Битола кој тепаше ром пресуди скопскиот кривичен суд во повторената постапка.
Од Македонското здружение на млади правници информираат дека судот го прогласил за виновен откако Апелациониот суд ја укина пресудата и го врати случајот на повторно одлучување.
Станува за збор за настанот кој се случи во септември 2020та, кога полицајците, како што се виде на тогаш објавената видео снимка, употребија сила врз група роми, откако синот на тепаниот Невзат Јашаровски, возејќи автомобил, удрил во бандера.
-Додека оштетениот бил легнат на земјата обвинетиот го удирал со клоци и тупаници по телото во пределот на главата, по рацете, нозете и грбот со што употребил прекумерна сила и спрема оштетениот постапил на начин на кој се понижува човечкото достоинство и човечката личност- било наведено во пресудата.
Од Здружението на млади правници велат дека пресудата е од големо значење поради тоа што е меѓу првите првостепени пресуди каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник поради употреба на прекумерна сила.
Протестни маршови се одржаа и за поддршка на полицаецот но и на Ромите жители на Битола, кои обвинуваа за полициско насилство.