Првото професионално истражување од „Гласен Текстилец“ од Штип и тим на експерти покажа дека една третина од текстилните работнички имаат потврдена медицинска дијагноза, а останатите работници се во ризик. Најчести здравствени проблеми со кои се соочуваат се видот, крвниот притисок и кардиоваскуларните заболувања.

– Кај секој вработен во текстилната индустрија се регистрираат дури три различни оштетувања и промени во здравствената состојба. Резултатите ни покажаа дека најмногу проблеми имаат со видот, потоа доаѓа зголемениот крвен притисок, анемиите и кардиоваскуларните заболувања, вели Елисавета Стикова, универзитетски професор на Медицинскиот факултет во Скопје, која е дел од тимот што ја изработи анализата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“.

Работничката Снежана Костадинова вели дека дел од работниците осум часа седат на столче, свиткани се на само 30 сантиметри од машината, а другиот дел стојат во едно место.

-Седеш на машина, шиеш, кичмата ти е вкочена, на кој и да кажеш никој не ти верува или стоеш на нога цел ден, нозете те болат, притисокот ти варира и никој не ти верува дека не си арна, а мораш да работеш, вели Костадинова.

Работничките почесто заболуваат во однос на колегите од машкиот пол.

Според претседателот на Македонското здружение за здравје при работа Милан Петковски, текстилната индустрија во вакви услови може да издржи уште десетина години.

-Она што не го гледаме е дека на овие работници, здравјето им се „гази“. На тие исти работници им се одземаат денови од животот кои би требало квалитетно да ги живеат, изјави Петковски.

Студијата „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“ ја направи „Гласен текстилец“ преку анкета на текстилните работнички, а предмет на истражување беа 6.000 резултати од систематски прегледи на текстилни работници.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип вели дека ова е прво вакво посериозно истражување за професионалните болести на текстилните работнички. Како проект го имаат работено заедно со невладина организација од Албанија.