Едно лице загина, а петмина се повредени во железничка несреќа во Чешка. Според Еуро њуз несреќата се случила рано утринава во Бохумин, набргу откако брзиот воз тргнал кон Прага.
Брзиот воз директно се судрил со локомотива за која се уште не се знае дали се движела или стоела во моментот на несреќата. На самото место загина машиновозачот на брзиот воз.
Повредени се четворица вработени во чешката железница кои биле во локомотивата, како и уште еден работник од возот. Спасувачите соопштија дека никој од патниците не е повреден во несреќата.
Чешката служба за инспекција за безбедност на железниќкиот сообраќај соопшти дека брзиот воз бил на погрешна пруга во моментот на несреќата и дека несреќата најверојатно е предизвикана од човечка грешка.