„Никој не е сам во борбата со болеста“

Град Скопје започнува со нова програма за поддршка на онколошки пациенти, како дел од активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита за 2026 година. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потенцира дека мерката има цел да им помогне на најранливите сограѓани во нивната секојдневна борба.

„Во моменти кога животот носи најтешки предизвици, нашата човечност се мери со тоа колку сме подготвени да подадеме рака. Токму затоа, водени од искрената грижа и одговорност кон нашите сограѓани, продолжуваме со конкретни мерки за поддршка на најранливите“, изјави Ѓорѓиевски.

Како да се оствари правото на финансиска помош

Право на помош имаат лица со живеалиште на подрачјето на Скопје, вклучувајќи ги општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.

За да ја добијат помошта, граѓаните треба да достават:

  • барање за еднократна финансиска помош
  • копија од важечка лична карта
  • документ од надлежен орган или институција што ја потврдува состојбата (дијагноза или отпусна листа)
  • копија од трансакциска сметка на барателот
  • потврда дека лицето спаѓа во категоријата онколошки пациенти

Документацијата не смее да биде постара од шест месеци од поставувањето на дијагнозата. Барањата се поднесуваат преку Архивата на Град Скопје во затворен плик со назнака: „Сектор за јавни дејности – Комисија за доделување еднократна финансиска помош за онколошки пациенти“.

„Ова, почитувани, е порака дека никој не е сам. Дека зад секоја борба стои некој кој верува, сочувствува и помага. Дека и во најтешките денови, постои рака што ќе ве поддржи и надеж што не згаснува“, додаде градоначалникот.