ЕХФ го суспендираше АЕК на две години и го казни со 20.000 евра

Европската ракометна федерација ЕХФ го суспендираше АЕК, односно изрече двегодишна забрана за настап во меѓународните купови на грчкиот клуб АЕК од Атина, поради одбивањето да го одигра реванш натпреварот во финалето на Европскиот куп против Алкалоид во Скопје.

Иако тимот од Атина допатува во Скопје, одби да се појави на паркетот во салата „Борис Трајковски“ на реваншот на 25 мај. Причината беше незадоволството од бројот на гостински навивачи на кои им беше дозволен влез на трибините.

ЕХФ го казни АЕК со парична казна во износ од 20.000 евра.

ЕХФ го казни и Алкалоид

ЕХФ изрече и глоба од 5.000 евра за Алкалоид поради тоа што, според Европската федерација, не му ја обезбедил на АЕК бараната бројка влезници за гостински навивачи.

Алкалоид победи на првиот натпревар во Атина со 29-25. Откако АЕК одби да го одигра реваншот, ЕХФ на 5 јуни го регистрираше натпреварот со службени 10-0 и му ја додели титулата на македонскиот тим.