Скандалозна информација пристигнува од Виена, откако раководството на ЕХФ реши да го разреши од должноста Македонецот Драган Начевски, поради сериозен сомнеж за вмешаност во местење на натпревари.

Европската куќа на ракометот соопшти дека одлуката е донесена по последните информации добиени од данската телевизија ТВ2 на 23 мај. Според овие информации, на состанок одржан во јануари 2020, Драган Начевски и наводен бизнисмен, кој се претставувал дека има намера да стартува кинески тим во СЕХА-лигата, навозно разговарале и за темата за местење на натпревари, за што ТВ2 има видео и аудио доказ.

Данската телевизија ги информирала челниците на ЕХФ дека Драган Начевски на овој состанок повеќе пати ја одбил понудата да соработува во местење на натпревари, но според доказите, не се дистанцирал доволно од целиот случај со што испратил погрешни сигнали.

Покрај тоа, повикувајќи се на анонимен извор, неофицијално станува збор за поранешен меѓународен судија, за ТВ изјавил дека Драган Начевски преку друго лице побарал од него да влијае врз исходот на натпревар.

Во својата изјава до ЕХФ, Начевски писмено ставил до знаење дека никогаш не бил дел од било какво местење на ракометни натпревари.

Како што информираат од ЕХФ, иако обвинувањата од ТВ2 не можат во целост да бидат проверени, за да се заштити интегритетот на ракометниот спорт Извршниот комитт при ЕХФ донел одлука да го разреши Драган Начевски на неопредено време,

Целиот случај бил предаден до одговорните инстанци во ЕХФ кои ќе ја продолжат истрагата, а исто така е испратен и до австриската федерална полиција.