Европската комисија денеска ги повика земјите-членки навремено и координирано да се подготват за да обезбедат сигурно снабдување со нафта и да избегнат мерки што би можеле да ја зголемат потрошувачката на горива.
„Сигурноста на снабдувањето на Европската Унија останува загарантирана. Но мора да бидеме подготвени за потенцијално долготрајни нарушувања во меѓународната трговија со енергија. Затоа мора да делуваме веднаш. И мора да делуваме заедно“, изјави еврокомесарот за енергетика Дан Јергенсен во писмо до министрите за енергетика на земјите членки.
За состојбата на енергетските пазари министрите ќе разговараат попладнево преку видеоконференција.
Комисијата наведува дека, со оглед на нестабилноста на пазарот поради конфликтот на Блискиот Исток и затворањето на Ормуската Теснина, Европската Унија е добро подготвена благодарение на обврската на земјите членки да одржуваат нафтени резерви и да имаат планови за вонредни ситуации во случај на нарушувања во снабдувањето.
Во писмото до министрите, еврокомесарот ги повикува земјите членки целосно да ги искористат состаноците во рамки на Координациската група за нафта и Работната група за безбедност на Енергетската унија, со цел да се обезбеди добра координација, како и да разгледаат мерки за намалување на побарувачката, особено во транспортниот сектор.
Клучни остануваат внимателното следење, механизмите за брза размена на информации и координацијата. Сите ризици во случај на итни ситуации или значајни промени во снабдувањето со нафта и условите во индустријата, вклучително и комерцијалните резерви, треба да се следат и да ѝ се пријавуваат на Комисијата за да се обезбеди континуирана проценка и координирано дејствување.
Исто така, земјите-членки треба да се воздржат од мерки што би ја зголемиле потрошувачката на горива, би го ограничиле слободниот проток на нафтени деривати или би ја дестимулирале работата на рафинериите во ЕУ. Потребно е и консултирање со соседните земји и со Комисијата за да се зачува кохерентноста на ниво на Унијата и функционирањето на внатрешниот пазар.
Со цел да се заштити достапноста на нафтените деривати на пазарот на ЕУ, секое ненужно одржување на рафинериите треба да се одложи. Во исто време, зголемената употреба на биогорива може да помогне во замена на фосилните деривати и да го намали притисокот врз пазарот, наведува Комисијата. (МИА)
