Македонија, стои во оценката од Извештајот, е умерено подготвена во областа информатичко општество и медиуми. Постигнат е ограничен напредок  по усвоените измени на Законот за електронски комуникации, а електронските услуги за граѓаните и деловните субјекти се зголемија.

Според ЕК, државава продолжи успешно да ја применува Дигиталната агенда за Западен Балкан и Договорот за регионален роаминг од кој што граѓаните имаат целосен бенефит од 1 јули годинава, но  забавила примената на Националниот броадбенд  оперативен план. Развојот на бродбенд инфраструктурата се очекува да го намали дигиталниот јаз помеѓу урбаните и руралните средини и да донесе економски бенефити за државата. Потребни се и дополнителни напори за примена на Националната сајбер секјурити стратегија 2018-2022, а се преземаат последните чекори за примена на Европскиот број за итна помош  – 112.

Во однос на електронските комуникации и технологија 73,58 проценти од домаќинствата имаат пристап до широкопојасен интернет, а а широкопојасниот опсег на национално ниво е 99,08 проценти. Телеком операторите инвестираа во тестирање на 5Г технологијата. Во април 2021 година беа усвоени измени на Законот за електронски комуникации. Тие повлекуваат нови одговорности за регулаторот во поглед на одобренијата за безбедност при инсталирање 5G опрема од  телеком операторите, кои пак изразија критика за отсуството на консултации за мерките.

Нема понатамошен напредок за финализирање на нацрт-законот за безбедност на мрежи и информациски системи, подготвен во 2019 година. Останува загриженоста за независноста на регулаторот за електронски комуникации и за назначувањата во регулаторната комисија и менаџментот на Агенцијата за електронски комуникации. Законот за електронски комуникации и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги треба дополнително да се усогласат со правото на ЕУ. Во извештајниот период немаше релевантни случувања во однос на заштитата на конкуренцијата. Потребни се дополнителни напори за подобрување на конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор.

Во однос на информатичкото општество, беше подготвена долгорочна Стратегија за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), но нејзиното формално усвојување е одложено. Стратегија за развој на дигитални вештини ќе биде дел од ИКТ стратегијата и нејзиниот Акциски план. Подобрувањето на дигиталната писменост е приоритет според Стратегијата за образование. Националниот е-портал за услуги се надградува со повеќе од 130 услуги. Употребата на системот за интероперабилност продолжува да биде попречена од недостиг на комуникациски софтвер во многу институции и недостатиг на волја за целосно искористување на неговите потенцијали. Потребни се уште поголеми напори и подобрена координација помеѓу институциите за модернизација и дигитализација на јавната администрација, вклучително и за планираното формирање на агенција за дигитализација и регистри. Податоците во регистарот на население треба целосно да се постават и проверат. Исто така,да се користи за вкрстено проверување на податоците од Пописот. Во однос на е-трговијата, Народната банка објави петкратно зголемување на трансакциите на Интернет од страна на граѓаните во 2020 година во споредба со 2019 година. Сепак, напредокот на е-трговијата во земјата се одвива со бавно темпо. Потребни се дополнителни напори за поттикнување на потенцијалот на дигиталната трансформација на земјата.

Во однос на аудио-визуелната политика, Парламентот  се уште не ги назначи членовите на регулаторот за медиуми и советите за јавна радиодифузија во согласност со Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Во февруари 2021 година, Уставниот суд ги поништи спорните одредби од Законот за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги со кој се бара од кабелските оператори да поднесат изјави под морална, материјална и кривична одговорност за регулирани интелектуални права. Властите иницираа подготовки за ревизија на медиумското законодавство со цел да се усогласат со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Со цел да се ублажат ефектите од пандемијата Ковид-19, властите поддржаа медиумски мерки, како што се ослободување од плаќањата за трошоците за пренос, радиофреквенции, такси за лиценцирање, придонеси за социјално осигурување на платите на новинарите и медиумските работници, како и директна поддршка за печатени медиуми. Меѓутоа, Владата продолжи да го користи своето дискрециско право во распределбата на државните средства во секторот за радиодифузија, со што дополнително ги намали алокациите за јавниот радиодифузен сервис, медиумскиот регулатор и Јавното претпријатие за радиодифузија, спротивно на барањата во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

Медиумскиот регулатор продолжи да биде проактивен во промоцијата на медиумската писменост и во предупредувањето против потпалувачки или дискриминаторски јазик, говор на омраза, непрофесионално новинарско известување, како и притисок и закани врз новинари и медиуми. Транспарентноста на медиумската сопственост е законска обврска за аудио-визуелните и печатените медиуми, меѓутоа нема законски обврски за онлајн медиумите. Борбата против дезинформациите и активностите поврзани со медиумската писменост најчесто ги спроведува граѓанското општество. Потребни се засилени напори и меѓуинституционална соработка на страна на властите. Аудио-визуелниот сектор продолжи да има корист од учеството на земјата во потпрограмата „Креативна Европа Медиа“ со поддржани пет проекти, стои во Извештајот.