Пакет за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот ќе биде презентиран следната недела во Скопје од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи. Вредноста на пакетот за поддршка, според најавите, е милијарда евра.

Османи бил информиран од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за пакетот за енергетска поддршка којшто, како што рече, ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на ЕК следната недела во Скопје, пред се, за надминување на тековните проблеми во однос на снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата и домаќинствата.

Османи на средбата со Вархеји се заблагодари за работата на Европската комисија за планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, како што информираше МНР, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Претходно, на 19. месецов, министерот за економија Крешник Бекшети го потпиша писмото со конкретни барања од државава за помош од Европската комисија за справувањето со последииците од енергетската криза.

-Во писмото бараме од 1 јануари да се прошири списокот на ранливите категории граѓани кои добиваат помош за електрична енергија и за енергенси, бараме кофинансирање на одредени субвенции кои веќе ќе почнат да се реализираат за да се градат фотонапонски централи на покривите на домаќинствата и на микро и малите претпријатија, како и директна субвенција и на компаниите кои се на отворен пазар на електрична енергија и на тие кои се на регулиран пазар со цел да се задржи нивната конкурентност на регионално, но и на европско ниво, изјави Бектеши, во одговор на новинарско прашање.

Поради тековните преговори тој не сподели суми, но посочи дека покрај нас се вклучени и сите држави од регионот.

-Очекувам нашата држава да има дополнителна помош која ќе дојде навремено и со соодветна сума за потребите и на стопанството и на мерките кои се реализираат во државата, рече Бектеши.

Претседателот Стево Пендаровски при престојот во Софија на почетокот на месецов, на средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, изрази очекување за помош од ЕК во контекст на европската солидарност во справувањето со енергетската криза.

Владата на 9 октомври претстави сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра, во најголем дел помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите.

До крајот на месецов треба да биде финализиран пакетот мерки за помош на компаниите што се на либерализираниот пазар. Се подготвуваат и таргетирани мерки за индустриите поврзани со основните прехранбени производи.

Бектеши најави дека од 1 декември годинава, околу 150 компании во државата кои произведуваат основни прехранбени производи ќе имаат фиксна цена на електричната енергија, а таа ќе биде пониска и од онаа која ја добиваат малите потрошувачи.

Според најавите, АД ЕСМ по празникот ќе соопштат кои фирми понудиле природен гас на тендерот за снабдување на топланите. Како што велат од компанијата, се уште чекале да бидат доставени понудите, па потоа ќе ги разгледале и од вторник ќе ја информирале јавноста кој се се пријавил.

Понудите компаниите требаше да ги достават до завчера. ЕСМ претходно го повика Макпетрол да достави до нив нова понуда за гас, откако компанијата соопшти дека навремено не добила побарување од ЕСМ за гас поради што не ги платила потребните количини до нивниот доставувач Гаспром за ноември.

Според најавите, имаше уште две компании кои беа заинтересирани да достават понуда на тендерот за снабдување со природен гас за ноември годинава за потребите на топланите, а постоеше можност понудите да бидат за целата грејна сезона, вклучително и за работата на когенеративната постројка ТЕ-ТО.

Вкупните количини што се бараат за шест месеци, односно од 1 ноември до 30 април се околу 225 милиони нормални кубни метри природен гас кои се доволни за производство на топлинска и на електрична енергија, односно се доволни за работа и на топланите и на ТЕ-ТО.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски претходно во изјава за медиумите рече дека доколку нема прифатливи понуди на тендерот се подготвуваат топланите да работат на дизел.