Европската Комисија (ЕК) смета дека дигиталниот ковид сертификат на ЕУ треба да се продолжи до крајот на јуни 2023, јави дописничката на МИА од Брисел.
Комисијата сега го поднесува предлогот на Советот и Парламентот на ЕУ за да имаат време до истекувањето на рокот на сегашната регулатива за ковид сертификатот да го одобрат ова продолжување.
Дигиталниот ковид сертификат го олеснува патувањето помеѓу земјите членки на ЕУ како и низа трети земји кои се приклучија кон системот. Овој сертификат содржи информации за дози на вакцини, прележаност и резултат на ПЦР тестови.
Европската комисија смета дека сертификатот треба да се продолжи уште една година, поради фактот што постои ризик од повторно зголемување на бројот на заразени во втората половина од годината, како и можност за појава на нови соеви, изјави портпаролот Кристијан Виганд.