Европската комисија денеска го претстави предлогот нови правила, кои ќе овозможат конфискација и продажба на имотот на руските олигарси и предлог прекршувањето на санкциите да се вметне на списокот на злосторства во ЕУ.

Според предложената директива, имотот ќе биде конфискуван од физички и правни лица кои ги прекршуваат или заобиколуваат санкциите и на оние кои се вклучени во криминални активности.

Целта на директивата е да се гарантира дека злосторството нема да се исплати со конфискација на незаконски стекнат имот и да се намалат шансите сторителите да извршат нови кривични дела.

Предложените правила ќе важат и за прекршување на санкциите и треба да обезбедат ефективно следење, замрзнување, управување и конфискација на приходите од прекршувањата на санкциите.

Од почетокот на војната во Украина, ЕУ воведе санкции против поединци од Русија и Белорусија. Комисијата истакнува дека замрзнувањето на имотот на руските олигарси и други поединци поврзани со агресија е клучно за разбивање на руската воена машина.

– Затоа е клучно да се забрзаат напорите за следење и идентификување на имотите, бидејќи тие често се надгледувани од многу комплицирани структури формирани за да ги прикријат вистинските сопственици, наведува Комисијата.

Комисијата предложи два закона. Првиот е да се додадат прекршувањата на рестриктивните мерки на ЕУ на листата на злосторства на Унијата. Вториот се однесува на новите зајакнати правила за враќање и одземање на имот, кои освен што ќе придонесат за спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, ќе имаат силно влијание и во борбата против организираниот криминал.