Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека досега не постои официјална препорака граѓаните да избегнуваат консумација на овошје и зеленчук од подрачјето на Трубарево. Тој се повика на резултатите од досегашните анализи, според кои не е утврдена радиоактивност во водата ниту присуство на опасни тешки метали во почвата по пожарот во фабриката за рециклирање.
Во однос на здравствената состојба на жителите, министерот соопшти дека по дводневен скрининг се упатени 18 лица на дополнителни процедури на Клиниката за пулмологија.
„Првиот ден поминаа 111 лица од кои 11 продолжуваат на Клиниката за пулмологија, а вториот ден 103 граѓани поминаа низ процедурите и од нив 7 продолжуваат на Пулмологија,“ рече Алиу, додавајќи дека контролни прегледи ќе се спроведат и по три и по шест месеци.
Тој информираше дека е испратен допис до институциите со повик сите пожарникари и припадници на МВР и Министерството за одбрана кои учествуваа во гаснењето на пожарот да се јават во здравствените установи доколку почувствуваат симптоми.
Во делот на еколошкиот мониторинг, Алиу потсети дека мерењата на воздухот, водата и почвата ќе се повторат по еден месец, како и по првиот дожд.
На истата прес-конференција, министерот соопшти и дека стручната комисија за „кардиолошките случаи“ ја завршила работата на осум предмети, а во вторник ќе продолжи со анализа на уште пет.