Стабилноста на македонската економија и ризиците што произлегуваат од увозната зависност и поскапувањата на храната и енергијата биле главни теми на денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Гувернерот оценил дека економијата бележи солиден раст, но оти овие показатели треба внимателно да се следат.

Славески ја информирал претседателката за клучните макроекономски показатели и за мерките што се преземаат во областа на макроекономската политика.

На средбата биле разгледани глобалните геостратешки, финансиски и енергетски трендови, како и нивното влијание врз македонската економија. Од Кабинетот на претседателката соопштија дека се разговарало и за последиците што овие движења ги предизвикуваат во индустријата, трговијата и градежништвото.

Соговорниците се согласиле дека Народната банка мора да располага со стручни и компетентни човечки ресурси, бидејќи тие се суштински за нејзиното успешно функционирање и за зачувување на финансиската стабилност на земјата.

Славески во меѓувреме до Собранието доставил предлог за избор на трет вицегувернер.