По речиси две години од почетокот на пандемијата на Ковид-19, економијата во земјава полека закрепнува. Шестте пакети мерки кои беа донесени како поддршка за стопанството и за граѓаните, според дел од експертите, имале позитивно влијание и придонеле за зачувување на работните места за што потврда пристигна и од Меѓународниот монетарен фонд. Развојната компонента, велат експертите, е од особена важност за поддршка на закрепнувањето, а и од Владата најавуваат дека во следниот период фокусот ќе биде ставен на инвестициите и на дигитализацијата. Предизвик во новата година останува енергетската криза која ќе покаже дали ќе има доволно електрична енергија, колкава ќе биде нејзината цена и колку кризата ќе се одрази врз работата на компаниите. Дел од експертите препорачуваат штедење, дисциплина од сите страни.

Проф. д-р Марјан Петрески од Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје смета дека како вкупен контингент, пакетите мерки извршиле значајно позитивно влијание, односно спречиле падот на доходот да биде значајно поголем.

-Неодамнешната ревизија на растот на БДП во третиот квартал од 2020 година, од -3,3 на -5,9 проценти укажува дека влијанието на мерките веројатно било помало од она што првично се мислеше, меѓутоа сепак тој пад ќе беше подлабок од -9 отсто без мерките. Според пресметките, клучната мерка за зачувување на работните места, субвенцијата од 14.500 денари по работник во погодените компании, придонела за зачувување на околу 60.000 работни места од 75.000 кои биле на работ да бидат изгубени, но се разбира, дел од работните места сепак беа изгубени. Социјалните мерки, пак, првенствено полабавите критериуми за доделување гарантирана минимална помош и еднократните плаќања по 3.000 до 9.000 денари на различни категории ранливи граѓани овозможиле доходот кај посиромашните слоеви да биде спасен во обем од 30 до 50 отсто, вели Петрески во изјава за МИА.

Според неговите пресметки, извршената вредност на пакетите економски и социјални мерки за справување со Ковид-19 изнесува околу 600 милиони евра, што е отприлика половина од нивната програмирана вредност, или близу 6 отсто од БДП. Тука, вели Петрески, ги вклучувам и проценките за мерките за ослободување или одложување одредени плаќања, како на пример за одредени даночни обврски.

-Клучното прашање во однос на пакетите мерки во моментов е дали и како функционира нивната развојна компонента, што е од особена важност за поддршка на закрепнувањето, низ кое се движиме сега, но многу побавно од првично очекуваното. Некои од мерките како намалување на царините на клучни суровини, фондовите за извоз, гаранциите преку Развојната банка, се во фаза на имплементација, меѓутоа тоа би требало да се движи со позабрзана динамика, за да може да се каже дека го помага закрепнувањето во моменти кога тоа е најмногу потребно. Очекувам дека 2022, во контекст на анти-Ковид-19 мерките, ќе помине во тој дух, порачува Петрески.

Имено, нагласува, растот којшто се очекува од околу 4 проценти за 2022 година е релативно солиден имајќи ги предвид околностите, меѓутоа тој ја претпоставува таа поддршка предвидена со веќе објавени мерки од страна на државата, како и со предвидените капитални инвестиции во буџетот, коишто знаеме дека се подложни на подизвршување.

-Ваквата поддршка на закрепнувањето е особено важна затоа што, да се потсетиме, за да може да се справи со економските последици од коронакризата, државата се задолжи со дополнителна една милијарда евра позајмени средства, за чиешто сервисирање е неопходна паметна фискална консолидација, која од една страна ќе овозможи повторно да се изгради фискалниот простор неопходен за одговор на некои идни кризи, а од друга страна нема да му наштети на закрепнувањето, посочува за МИА проф. д-р Марјан Петрески од Универзитетот Американ колеџ Скопје.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вели дека мерките се донесени во период кога од пандемијата биле погодени и граѓаните и стопанството и најдобра потврда за нивната оправданост е оценката од Меѓународниот монетарен фонд.

– Вкупните предвидени мерки беа на ниво од 1,1 милијарда евра, а последните проекции се дека тоа што е инвестирано т.е. што е вратено е приближно една милијарда. Јас не практикувам да кажувам што постигнавме, но последниот извештај на ММФ докажува дека сите мерки што Владата ги донесе преку шесте пакети имаат позитивно влијание врз намалување на невработеноста и севкупно на економскиот пад на земјата. Ме охрабрува што такво признание доаѓа од ММФ, истакнува Битиќи во неодамнешното интервју за МИА.

Смета дека сега кога економијата веќе закрепнува, фокусот треба да биде ставен на развојните мерки кои ќе им помогнат на компаниите да ги унапредат своите технологии и да имаат додадена вредност.

– Се залагам да не зборуваме за интервентни мерки, туку за сет на мерки кои се развојни и помагаат. Затоа продолжуваме со сите редовни програми на Владата за поддршка на инвестициите, дури ги подобривме условите со цел компаниите кои сега се обидуваат да влезат во инвестициски циклус, да ги поддржиме уште повеќе од она што ги поддржувавме, но и да генерираме нови програми, вели Битиќи.

Сепак, додава дека се следат сите случувања и дека во буџетот за 2022 година има 100 милиони евра во т.н. програма за помош што ќе се користи за енергетската криза и евентуално за помош на стопанството и граѓаните ако се увиди дека економски има голем импакт врз нив.

Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, земјава успеала да ги ублажи последиците од кризата предизвикана од пандемијата, но сега се соочува со енергетска криза која може да има големи последици. Препорачува да се претстане со популистичките мерки.

– Мислам дека новата влада треба да престане со популистичките мерки. Најавите дека нема да се зголеми многу цената на струјата се штетни за граѓаните затоа што загубите на компаниите снабдувачи ќе се плаќаат од буџетот, а тоа ќе го плаќаат граѓаните. Се се плаќа, само се менува формата, вели Хајредини во изјава за МИА.

Енергетската независност, посочува Хајредини, не се решава со малку пари, пропуштено е многу во изминатите 30 години. Електраните се амортизирани и ќе требаат огромни инвестиции да се одржат, а скапо е и нашето производство бидејќи мораме да набавуваме јаглен од Косово, а транспортот е скап.

– Потребно е штедење, дисциплина од сите страни, штедење енергија, да се намалат трошоците за енергија. Не се решава овој проблем брзо. Треба да се помириме со реалноста, подвлекува Хајредини.

Малите инвестиции во енергетиката во изминатите 30 години се посочуваат како една од причините за повисоката цена на струјата. Во последните 30 години поголеми капацитети што ги направила државата се хидроелектраната Козјак со инсталирана моќност од 80 мегавати, хидроелектраната Света Петка со 35 мегавати и ветерната електрана Богданци со 36,8 мегавати или вкупно се направени капацитети со инсталирана моќност од околу 145 мегавати. Изградена е и постројката ТЕ-ТО, која е приватна инвестиција, со моќност од 220 до 230 мегавати. Сите останати инвестиции се во обновливи извори на енергија како мали хидроелектрани, фотоволтаици и биогасни електрани со вкупна моќност од 200 мегавати.

– Факт е дека во земјава во изминатите 30 години живееме на старата слава од златните времиња во енергетиката кога се изградија трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино и некои хидроелектрани. РЕК Битола беше предвидено да работи до 2020 година, а работи и сега, но со јаглен кој е со многу послаб квалитет од тоа што треба да биде и поради тоа имаат проблеми ви нивното тековно работење. Имаат испади и работат со намален капацитет. Сега сме доведени во ситуација да увезуваме јаглен бидејќи немаме домашен за да обезбедиме производство на електрична енергија, но трошокот за увоз на јаглен е повисок од трошокот за компање јаглен кој го имаме кај нас, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во неодамнешната изјава за МИА.

Она што треба да се направи, според Бислимоски, е во наредниот период да се обезбеди базна енергија преку когенеративни постројки или гасни електрани, а на краток рок потребни се брзи инвестиции и најбрзо што може да се направи се фотоволтаиците.