Актуелните состојби, економската и политичка соработка, биле во фокусот на телефонскиот разговор на премиерот Христијан Мицкоски со британскиот државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој, Дејвид Лами.

Премиерот Мицкоски, како што соопшти владината прес-служба, ја истакнал заложбата за потесна соработка со Обединетото Кралство на заеднички проекти кои ќе донесат економски и политички бенефит за граѓаните.

Соговорниците констатирале дека постои простор за интензивирање на пријателските односи и за заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката и економската размена.

Мицкоски и Лами, како што е наведено во соопштението, разговарале за повеќе прашања од регионален контекст, при што била истакната заложбата на македонската страна за водење на политика на дијалог и заедничка соработка за зацврстување на меѓусебните односи.