Настанот и значењето на Комората за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска ја отвори Шведско-Македонската Стопанска Комора во просториите на Министерството, нагласувајќи дека развојот на економска соработка со Шведска е клучен за зајакнување на билатералните деловни односи. На настанот се обрати и амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Ола Сулстром, кој истакна дека двете земји се посветени на продлабочување на партнерството и поттикнување на директна поврзаност меѓу компаниите.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство.
– Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство, истакна заменик-министерот Димитровски.
Раст и потенцијал на економските односи
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка.
Во поширок геоекономски и европски контекст, јакнењето на економските врски со Кралството Шведска – земја членка на Европската Унија и глобално препознаена по својата индустриска, технолошка и иновативна сила – претставува важен сегмент од стратешката определба на нашата земја за подлабока интеграција во европскиот економски простор и за отворање нови можности за соработка со скандинавските земји.
Активности и цели на Комората
Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку организација на бизнис-форуми, деловни мисии, B2B средби и стратешки дијалози, Комората ќе овозможи директна поврзаност меѓу македонските и шведските компании, претприемачи и институции.
Составот на управниот одбор, со експерти од области како ИКТ, здравство, рударство и автомобилската индустрија, претставува силна основа за ефективно остварување на мисијата на Комората.
– Со формирањето на Шведско-македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој, заклучи заменик-министерот.
