Автопати за брз и сигурен транспорт
Во Македонија се реализираат најголемите капитални проекти за изградба на патната и железничката инфраструктура на главните транспортни коридори 8 и 10. Вицепремиерот Александар Николоски на економскиот форум во Виена истакна дека развојот на инфраструктурата е клучен за економска стабилизација, побрз и сигурен транспорт кон Централна и Југоисточна Европа и за регионален развој.
„Оваа влада има мошне амбициозна инвестициска агенда. Работиме на нови автопати на Коридор 8, модернизација на Коридор 10, како и на граничните премини, за да го скратиме времето на чекање“, рече Николоски. Вкупната инвестиција за автопати и експресни патишта на Коридор 8 ќе изнесува околу 1,5 милијарди евра.
„Со Коридор 10д го крати времето на патување од Атина до Скопје од осум и пол на околу пет и пол часа. Го градиме најголемиот автопат некогаш изграден во државата, околу 55 километри, додека Грците работат на делот кој недостига. Ова ќе овозможи значително побрз транспорт и економска поврзаност“, додаде тој.
Железничкиот развој како предизвик и можност
Николоски истакна дека железничката инфраструктура е голем предизвик, но и голема можност. Изградбата на брзата пруга на Коридор 10 ќе скрати времето за транспорт на стоки кон Европа од 21-24 дена на 21-22 дена.
„Патничките возови ќе возат со 250 км/час, а товарните со 140 км/час, со најдолги можни композиции од 750 метри. Овој проект е витален за поврзување со Европа и за зголемување на конкурентноста на нашата економија“, објасни Николоски.
Тој посочи дека постои и железничко поврзување со Бугарија на Коридор 8, со три делници за спојување на главниот град со границата и тунелот кој беше предмет на долгогодишни спорови.
„Со бугарскиот вицепремиер веќе потпишавме договор за заедничко спојување, а очекуваме и Албанија да се приклучи, за целосно железничко поврзување до Јонското Море до 2031 година“, додаде тој.
Николоски нагласи дека проектите за брза железница ќе овозможат скратување на времето за транспорт на стоки од пристаништата во Грција до Централна Европа, со што ќе се намалат трошоците и ќе се зголеми транзитниот потенцијал на земјата.

Стратешки партнери и економски ефекти
Вицепремиерот истакна дека проектите се спроведуваат со стратешки партнери и обезбедени средства.
„Имаме стратешко партнерство со Велика Британија, со 5 милијарди фунти на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за проектот на брзата железница, со поволни услови за нашата економија“, рече тој.
„Очекуваме само од Коридор 10 за транзит да имаме приходи од околу 120 милиони евра, во споредба со сегашните 12 милиони. Ова ќе донесе значителен економски просперитет, не само за Македонија, туку и за целиот регион, вклучувајќи ги Австрија и Унгарија“, објасни Николоски.
За Коридор 8, тој нагласи дека инвестициите се критични не само за економијата, туку и за регионалната безбедност и политичката стабилност. Вкупната инвестиција со бугарската страна ќе изнесува околу 2 милијарди евра.
„Првата делница е веќе во функција, втората ќе биде готова следната година, а третата ќе се објави на тендер во декември. Ова е историски момент за поврзување на Скопје со Софија“, заклучи Николоски.
Николоски потенцира дека проектите не се само инфраструктурни, туку стратешки за економијата и соработката во регионот.
„Ова е пример за тоа како Македонија може да соработува со соседите и да создаде услови за развој на целиот регион. Имаме визија и инвестираме во иднината“, рече тој.
