Попладнево во Скопје полициски службеници отстранле од сообраќај возило од марката Мерцедес кое било управувано од страна на лицето Ниневски Н. поранешен припадник на шестата управа во МВР. – дознава Радио Лидер од полициски извори.

Возилото било регистрирано на име на компанијата на Александар Митовски, главен уредник на порталот Инфомакс.мк.

– Кај возачот беше пронајдена рамка од пиштол, по што тој е приведен во полициската станица БЕКО каде што дава исказ до доцна вечерва. – брифираат за Радио Лидер извори од полицијата.

Како што дознаваме, возачот на автомобилот на Митовски е поранешен припадник на шестата управа при МВР, кој бил обезбедување и на поранешниот американски амбасадор во земјава Џес Бејли.

По пензионрањето, тој работел за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Според нашите сознанија, Ниневски е во блиски семејни односи со сопственикот на Инфомакс.

Радио Лидер стапи во контакт со Митовски, кој кратко ни одговори дека настанот се случил по денешното судење за случајот во кој лице насилно упадна во редакцијата на неговиот медиум за време на подкаст во живо.

– Денес имавме рочиште за напаѓачот врз “Инфомакс”, бевме сите таму, истиот беше осуден. Тенденцијата против нас е јасна, друго немам што да искоментирам. – кратко ни одговори Митовски.

Во судскиот процес на кој алудира Митовски, Судот оцени дека со инцидентот била загрозена безбедноста на новинарите и правото на јавноста да биде информирана, но изрече условна казна поради здравствената состојба на обвинетиот.