За измените на законските решенија од страна на владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ поврзани со изградба на коридорите 8 и 10д реагираат експертите на начинот и постапката како е воден целиот процес.

Имено, во гостување во емисијата Топ тема на ваша страна на ТВ Телма, Снежана Камиловска Трпковска од Платформа за борба против корупцијата вели дека реакција е сосема легитимна бидејќи тие уште претходно реагирале дека не треба да се носат специфични закони бидејќи се дерогира законодавството кое што постои во државата и со тоа се нарушува владеењето на правото и се создаваат ризици на корупција.

Основата на проблемот е донесувањето на посебниот закон за Бехтел и Енка односно законот за стратешко партнерство кои што не доведе денеска ние на дебата да имаме 8 закони кои што се под итна постапка ставени да се разгледуваат во собранието од страна на пратениците. Реакцијата е сосема легитимна. И прво да почнеме како се донесе тој специјален закон за стратешко партнерство кога Платформа за борба против корупцијата во тој момент реагираше дека не треба да се носат специфични закони и да се дерогира законодавството кое што постои во државата и со тоа дека се нарушува владеењето на правото и се создава ризични на корупција. И покрај реакциите на Платформата и голем број на граѓански организации, ние денеска се соочуваме со повторување на постапката, со многу зголемен број на закони кои ќе имаат исто, а можеби и поголемо влијание во целиот процес, рече Камиловска Трпковска и додаде дека пратениците донеле измени на 8 законски решенија преку ноќ, без притоа да се консултира стручната јавност за мислење.

Целосно се бајпасираа сите закони кои што важат во државата, важеа во тој момент, за да може да се донесе тој стратешки посебен закон. Законот за јавни набавки и тогаш и сега е на сила. Зошто не се употреби за овој конкретен случај, ние не можеме да го добиеме конкретниот одговор. Дополнително во целиот тој процес стручната јавност не е вклучена во процесот на креирањето. Ние преку ноќ имаме осум, односно девет закони кои што во ниту еден случај не се консултирани со стручната јавност, не се консултирани граѓани за кои велиме „јавниот интерес пред сè, мото под кое се поставуваат на седница на Собрание. Ако веќе станува збор за јавен интерес, тогаш е задолжително, основно, парадигма е да имаме транспарентен и отчетен процес, вели Снежана Камиловска Трпковска Платформа за борба против корупцијата.

На ист став е и Орданчо Петров, од македонско археолошко друштво кој рече дека во петокот кога ги виделе законите објавени на веб страната на Собранието меѓу кои и законот за заштита на културното наследство биле затекнати бидејќи ниту тие како археолошко друштво, ниту пак здруженија од оваа област, а ниту пак самото Министерство за култура не било запознаено со измените.

Ние во петокот бевме затекнати со објавата на веб страната на Собранието на Република Македонија каде беа објавени овие 9 закони, меѓу кои и законот за заштита на културното наследство. Претходно никој од нас воопшто, ниту надлежните установи за заштитна, ниту здруженијата кои што се бават со културно наследство, ниту пак Министерството за култура беше запознаено со измената во член 65 од самиот закон, вели Орданчо Петров, од македонско археолошко друштво.

Петров вели дека повлекување на законот за заштита на културното наследство и измени во член 65 од дневен ред сепак не мора да значи дека владата се откажала од измените, туку се сомневаат дека во некоја друга форма ќе се најде во законска процедура, како што рече кога најмалку очекуваат.

Не знаеме дали со повлекување на ова законско решение од дневен ред е само некоја пресметка ќе видиме наредниот период. Сега за сега не знаеме. Но отворени се прашањата дека законот во некоја измената форма повторно ќе се најде во законска процедура кога најмалку очекуваме, потенцираше Петров.

На законските измени реагира и Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија ССМ, кој во емисијата рече дека денеска 55 пратеници од владејачката СДСМ, ДУИ и останатите партии од коалицијата успеале да го погазат едно од најголемите цивилизациски придобивки, а тоа е пристојната работа и пристојното работно време, иако тие реагирале уште со самото носење на специјалниот закон да не дозволат еден странски конзорциум да ја окупира државата и целиот градежен сектор.

Што значи да ви се зголемат платите за 78 отсто и да се зафатите со девет најкатастрофални закони и по работниците и по општеството и по државата. Веројатно 2.000 денари зголемена дневница на пратениците многу влијаеше да седнат и да подготват по два до три члена за секој закон, па дури денеска, на „исцрпното“ образложување на потребата од тие закони, да потрошат по една до две реченици, вели Трендафилов од ССМ.
Денеска, 55 пратеници, ако добро паметам, од владејачкото мнозинство, неколку функционери од владата, амбасадор и неколку, веројатно, топ менаџери во некои странски конзорциуми, успеаја да ја погазат една од најголемите цивилизациски придобивки, а тоа е пристојната работа и пристојното работно време, рече тој.

Ние апелиравме уште од самото носење на специјалниот закон за дозволување на еден странски конзорциум да ја окупира државата и целиот градежен сектор и интересите на државата да бидат сведени на тоа парите да се изнесат од Македонија, милијарда и 300 милиони евра до денеска, а може да стигнат до две милијарди и 300. Се надеваме дека разумот ќе надвладее кај пратениците. Денеска се надевавме дека сите пратеници ќе излезат од салата и ќе покажат единство, дека предлогот на 15 нивни колеги е, пред сè, срамен поради тоа што не само што се уназадуваат работничките права, туку ќе доведе и до огромен број на повреди, можеби и смртни случаи на градилиштата, рече Трендафилов.