Во саудиската престолнина Ријад денеска се слушнале експлозии, по што се појавил голем облак од црн чад и пламен во близина на меѓународниот аеродром „Крал Халид“. Пожарникари на местото гаснат изгорен резервоар за гориво со логото на саудискиот нафтен гигант „Арамко“, додека на аеродромот се регистрирани големи доцнења и откажувања на летовите.
Репортер на АФП од местото на настанот забележал пожарникари како интервенираат кај резервоарот, додека фотографиите на Ројтерс покажуваат густ црн чад кој се издига од просторот за складирање гориво во близина на аеродромот.
Саудиските власти засега не соопштиле што го предизвикало пожарот и официјално не го поврзале инцидентот со напад од јеменските Хути.
Неколку часа пред експлозиите, саудиската цивилна одбрана ги предупредила жителите на Ријад дека областа е под „непријателска воздушна закана“ и ги повикала да останат во затворен простор. Подоцна било соопштено дека опасноста поминала. Ова е првата ваква тревога во саудиската престолнина откако борбите со Хутите во соседен Јемен повторно се разгореа во последните месеци.
Хутите, кои имаат поддршка од Иран, во последните недели извршија серија напади со беспилотни летала и ракети врз Саудиска Арабија. Во четвртокот едно лице беше убиено, а две беа повредени откако делови од пресретнато беспилотно летало на Хутите паднаа во областа Таиф. Саудиската воздушна одбрана, исто така, пресретна беспилотно летало за кое Ријад тврдеше дека летало кон Мека, но Хутите негираа дека го таргетирале светиот град.
Конфликтот дополнително ескалираше по напредувањето на Хутите долж брегот на Црвеното Море во Јемен. Тие го освоија стратешкото пристаниште Мока и островот Перим во теснецот Баб ал-Мандаб, еден од клучните поморски патишта во светот.
Саудиска Арабија ги поддржува меѓународно признатите јеменски власти и во последните денови изврши повеќе воздушни напади врз позиции на Хутите. Портпаролот на војската на Хутите, Џаџа Сари, вчера изјави дека Саудиска Арабија извршила околу 300 напади врз Јемен во текот на изминатата недела и предупреди дека нападите нема да останат без одговор.
Вчера и Советот за безбедност на ОН ги осуди нападите на Хутите врз Саудиска Арабија и повика на прекин на конфликтот.
Засега нема официјална потврда дека денешните експлозии и пожарот кај аеродромот во Ријад се последица на напад од Хутите.
BREAKING: For the first time in four years, Yemen’s Houthis have struck Saudi Arabia’s King Khalid International Airport in Riyadh with drones, hitting the main jet fuel tanks, with flames and a massive plume of black smoke over the airport, per Reuters.
Saudi Arabia lost its… pic.twitter.com/DZq4KrcMOX
— The Hormuz Letter (@HormuzLetter) September 19, 2026
