Најмалку единаесет лица загинаа, а 32 се ранети во експлозија во џамија во Мазар е-Шариф, град во северниот дел на Авганистан.

Според здравствените власти, шест од повредените се во критична состојба.

Директорот на здравствените власти во провинцијата, Наџибула Тавана, изјави дека сите жртви на експлозијата биле локални шиитски верници што присуствувале на богослужба во џамијата.

Џамијата Сај Докан е најголемата и најстара шиитска џамија во градот.

Во меѓувреме, локални талибански власти потврдија за експлозии во три други авганистански провинции.

Најмалку четири лица загинале во експлозија на возило на талибанците во областа Хогјани во источната провинција Нангархар.

Експлозијата се случила и во градот Кундуз, во северната област Сар-е-Давра, при што мета бил минибус во кој се превезувале владини службеници.

Портпарол на полицијата во Кабул изјави дека две деца се повредени во бомба поставена покрај пат во петтиот полициски кварт.

Иминатите неколку дена бран насилства го погоди Авганистан.

Најмалку девет ученици загинаа, а 19 други беа се ранети во вторникот во три бомбашки напади на образовни центри и училишта во шиитскиот дел на Кабул.

Засега нема милитантни групации што би ја презеле одговорноста за нападите, но најголем сомнеж се става на терористичката група Исламска држава чии напади се воглавно насочени кон шиитските муслимани во Авганистан.