Директорот на Српската воена безбедносна агенција (ВБА), Ѓуро Јованиќ, изјави дека службите имале информации оти лице од група мигранти ќе се обиде да ја саботира гасната инфраструктура во Војводина, откако беше откриен експлозив во близина на гасовод.
Јованиќ рече дека со месеци предупредувале за ваква закана, но нивните предупредувања биле пречекани со скептицизам.
„Со месеци го предупредувавме врховниот командант, претседателот Александар Вучиќ, како и државното раководство, дека може да се случи нешто како ова. Наидовме на скептицизам, неодобрување и несогласување“, изјави тој.
Според него, државното раководство укажувало дека мерките за заштита се скапи и бараат значителен ангажман на армијата.
Јованиќ посочи дека акцијата била резултат на квалитетна оперативна работа и размена на информации со други служби.
„Имавме информации дека лице од група мигранти, на воена возраст, ќе се обиде да ја саботира гасната инфраструктура. Тоа лице сигурно ќе биде приведено. Единственото прашање е дали истрагата ќе трае три дена или повеќе месеци“, рече тој.
При акцијата бил пронајден спакуван експлозив.
„Пронајдовме специјално спакувани експлозиви, херметички затворени, капсули за детонатор, детонаторска палка, како и алатки и опрема за подготовка на експлозиви за диверзија. Според ознаките, може да се види дека експлозивот е произведен во САД“, додаде Јованиќ.
Надлежните служби го оценија случајот како сериозен безбедносен инцидент со потенцијални последици за енергетската стабилност на Србија и регионот.
Обвинителството во Суботица го квалификуваше случајот како кривично дело нелегално производство, носење и трговија со оружје и експлозивни материи, во врска со делото диверзија.
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека во општина Кањижа биле пронајдени два ранци и два големи пакети со експлозиви.
„Пронајдени се два ранци и два големи пакети со експлозиви со стапови, а има и други траги“, рече Вучиќ.
Министерството за одбрана соопшти дека безбедносните сили продолжуваат со активности за пронаоѓање дополнителни докази и идентификација на лица поврзани со случајот.
Во меѓувреме, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека зад наводниот обид за саботажа на гасоводот „Турски тек“ можеби стојат украински актери, изнесувајќи го тоа по седница на Унгарскиот совет за одбрана.
Паралелно, се појавија и теории дека станува збор за инсцениран напад со политичка позадина, поврзана со изборите во Унгарија.
