Признание на Македонската православна црква без услови и задршки најавено од Американската православна црква

Во ексклузивна информација од САД, „Експрес“ дознава дека Американската православна црква (АПЦ) донела одлука да ја признае МПЦ-ОА под нејзиното уставно име. Признанието е без никакви услови или задршки.

Одлуката била донесена на посебна седница на 21 мај 2025 година.  Светиот синод на Православната црква во Америка, преку непосредна одлука, ја признал каноничноста на МПЦ-ОА, пренесува „Експрес“.

Со оваа одлука, АПЦ ја потврдува целосната заедница со архиереите, свештенството и верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Оваа вест за православната екумена ја пренел Неговото Блаженство Митрополитот Тихон, кој во својот извештај од 15 јули 2025 година ја информирал јавноста.

Извештајот е поднесен пред 21-от Сеамерикански совет на Американската православна црква, кој се одржува оваа недела во Феникс, Аризона.

Одлуката на Американската православна црква доаѓа по барање на Неговата Светост Патријархот Српски Порфириј. Тој преку официјална кореспонденција со Митрополитот Тихон побарал признание на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Според информации од САД, кабинетите на Митрополитот Тихон и Архиепископот охридски и Македонски Стефан планираат сослужение помеѓу двата поглавари.

Сослужението ќе се одржи во катедралата Свети Никола во Вашингтон, што Митрополитот Тихон го информирал Сеамериканскиот совет дека ќе биде крунисано со формално признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Со ова, Македонската православна црква го зазема своето место како целосно автокефална помесна православна црква покрај Православната црква во Америка.

Извор: Експрес.мк