Жолт и портокалов код се активирани во 17 окрузи поради екстремни температури во Романија
Националната метеоролошка служба на Романија активира жолт и портокалов код поради екстремни температури во 17 окрузи на југот на земјата.
Највисоки вредности се очекуваат во Олтенија и Мунтенија, каде индексот на температура и влажност ќе ја надмине критичната вредност од 80. Температурите ќе се движат од 37 до 40 степени, а тропските ноќи ќе продолжат со над 20 степени.
Во Букурешт, уште во 11 часот наутро беа измерени 36 степени. Вчера таму беше на сила највисокото метео-предупредување – црвен код. Температурата достигна 42 степени. На места низ центарот на градот асфалтот попуштил од топлината, јави агенцијата БТА.
Градската управа на Букурешт продолжува со кампањата за бесплатно делење минерална вода. Акцијата почна на 27 јуни, а досега се поделени 35.000 шишиња. Поставени се и нови системи за разладување со водена магла.
И покрај високите температури, водата во морето забележа нагло опаѓање – од 24 на 13 степени Целзиусови. На повеќе плажи се вее жолто знаме како знак за опасност од термички шок.
Според експертите, причината е појавата „апвелинг“ (upwelling) – природен феномен кога северозападен ветер предизвикува студени морски струи од длабочината да избијат на површината.