Неговиот другар и тренер Жарко Арсовски, веднаш по финалниот натпревар напиша дека Емил освои сребрен медал, што е како злато вреден и досега е највисокиот дострел во македонското карате.
Во 2010 година во Белград на Светско првенство токму Жарко Арсовски има освоено бронзен медал, но по 11 години неговиот ученик се закити со сребро. Најтрофејниот македонски каратист Павлов досега 11 пати е државен првак, во два наврати е и европски првак, има освоено два бронзени медали на европските првенства во карате.
Момчето кое зад себе има пребогата спортска кариера има 29 години, а сите успеси ги има постигнато благодарение на неговите родители, кои работат во текстилна фабрика и секако овде се неговите тренери Сашко и Жарко Арсовски. Во моментов е апсолвент на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, има само уште неколку испити, но ветува дека наскоро и ќе ги положи.
На ова првенство забележавте пет победи до финалето на 67 килограми, вештините ги одмеривте со Французинот Стеван Декоста, кој е европски, светски и олимписки победник. Кога се навраќате на самото финале, што би промениле во него?
– На ова Светско првенство постигнав историски успех за Македонија со освоеното второ место, бидејќи досега Македонија немала финале на едно Светско првенство, така што навистина сум задоволен од својот настап. А за тоа што би променил во финалето, можам да кажам дека никогаш досега се немам борено со овој противник и не го познавав доволно. Но сигурно би бил подоминантен и поубедлив, со друга тактика, па се надевам дека на некое наредно првенство ќе ја имам таа шанса и ќе успеам да го победам.
Колку време се подготвуваше за Светското првенство во Дубаи или резултатот зависеше од твоите континиурани трензи и спортска дисциплина?
– За ова Светско првенство се подготвував интензивно околу три-четири месеци бидејќи беше најавен претходно настапот на ова првенство. Можам да кажам дека и искуството стекнато изминативе години од подготовки и натпревари беше пресудно за овој голем успех.
Пандемијата наметна нови животни навики, правила. Публиката во спортските сали е во намален број, ги нема громогласните аплаузи, бодрењето напред или браво, Емил, колку тоа конкретно ти влијае како спортист?
– Па да, поради ковид-пандемијата можам да кажам дека бројот на гледачи беше намален, но сега пак се забележува дека има мал број публика. На секој спортист му значи поддршката од трибините и мислам дека тоа е хендикеп за секој спортист за да може да го даде својот максимум.
На Светското првенство во Дубаи ве посети делегација од РС Македонија, меѓу кои и екипа на МИА, колегите Аслан Вишко и Елизабета Вељановска Најдеска. Штипските регионални телевизии „Стар“ и „М нет“ постојано ги следат твоите резултати и ја информираат јавноста. Но колку, според тебе, медиумите, новинарите им посветуваат внимание на спортот и на спортистите?
– Новинарите од МИА беа присутни во Дубаи заедно со делегацијата и ја искористија можноста да дојдат да нè посетат и да ми честитат за мојот успех. Голема поддршка имам и од штипските телевизии, кои постојано се со мене и ги прикажуваат сите мои успеси и резултати. Но, мислам дека индивидуалните спортови кај нас не се доволно застапени и не им се дозволува голем медиумски простор како на колективните спортови. Мое мислење е дека тоа треба да се промени и да им се даде значење на овие спортови бидејќи во Македонија овие спортови достигнуваат големи резултати.
Како изгледа еден ден на Емил Павлов, постојано ли е во кимоно и во спортска сала со своите тренери Сашко и Жарко Арсовски?
– Секој ден прво ми започнува со утринско кафе, па продожува со утрински тренинг, заедничко време со пријателите, девојката, фамилијата. Потоа следува краток одмор и на крај е вечерниот тренинг заедно со моите трениери Сашко и Жарко и моите клупски пријатели.
Колку младите го сакаат каратето и на што ги учи овој спорт, за да одат напред во животот?
– Во последниот период многу често децата се интересираат и се запишуваат токму на карате. Мислам дека каратето е еден од подобрите спортови бидејќи од рана возраст ги учи на дисциплина, ред и меѓусебно почитување.
Кој е следниот спортски предизвик на Емил Павлов и неговите тренери браќата Арсовски?
– Мој следен предизвик е Европското првенство следната година што ќе се одржи во Турција, а за две години отсега е и идното Светско првенство во Будимпешта, кое воедно е и моја следна цел каде што ќе се обидам да ја достигнам титулата светски првак бидејќи тоа е мојот сон.