Пензионерите од повеќе градови во државата, денес по повод Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, излегоа на протест пред Владата.
Говорниците на протестот побараа за 3.500 денари линеарно покачување на сите пензиите, а најниската да не биде помала од 18 илјади денари, или оставка на Владата.
На транспарентите пишуваше: „Имаме право на достоинствен живот“, „Линеарно покачување на пензиите“, „Оставка“.
Од Пензионерскиот синдикат претходно објавија дека во некои земји минималната пензија е поставена на 45 отсто од нето исплатена просечна плата и истото се залагаат да биде пракса и во нашата држава.
„Сметаме дека измената на член 37 од законот за пензиско и инвалидско осигурување, согласно кој усогласувањето на пензиите се прави врз основа на движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50% е добра основа за понатамошно усогласување на пензиите“, велат од Пензионерскиот синдикат