ЕГ.5 или Ерис, е новата варијанта на ковид-19 која стана доминантна во САД, а ја има и во Кина и Британија. Распространетоста на новиот сој расте, а симптомите најчесто се главоболка, рапав глас, болки во мускулите и изменето чувство за мирис.

Епидемиолозите велат дека овој сој не треба да нè загрижува.

„Ова е вирус, а вирус лесно се пренесува, лесно мутира. Ковидот ќе има којзнае колку варијанти, но битно е да нема варијанта која ќе ни направи бељи за кои сè уште немаме имун одговор. Ние досега неколку варијатни поминавме, ќе има и нови, но тоа нема да биде драматично. Битно е да не биде вирусот летален, да не е толку развиен, за да не направи тешки клинички слики. Овој сој Ерис, не е таков“, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов.

Според него, не треба ништо да преземаме, односно не треба да се воведуваат никакви мерки.

„Мерки имавме кога не знаевме со што се соочуваме, но сега е друга ситуација. Сега знаеме како да внимаваме на себе. Тестирања сметам дека не треба да се прават. Очекувам да има полесен пренос на овој сој кога ќе залади, кога ќе започне учебната година, кога ќе има голем број луѓе во затворен простор“, вели Стојанов.

Во меѓувреме, кај нас ковид бројките се значително ниски. Секвенционирањето го прави Институтот за јавно здравје, но оттаму не ни одговорија на прашањата околу новиот сој односно, дали и колку случаи имаме во моментов на државно ниво.

Според последните извештаи на Институтот за јавно здравје, односно според месечните билтени кои ги објавуваат за акутните заразни заболувања во државата, во изминатиот месец јули биле регистрирани вкупно 23 ковид случаи. Во јуни пак, во Македонија биле пријавени вкупно 29 случаи, што е значително намалување во однос на претходниот месец мај, кога имало 119 ковид случаи. Според месечниот билтен на ИЈЗ за движењето на акутните заразни заболувања во државата, во мај било пријавено и едно починато лице од ковид. Станува збор за бројки на регистрирани случаи на ковид-19 од сите соеви.

Инаку, Светската здравствена организација ја оцени новата ковид варијанта како „варијанта од интерес“, што значи дека полесно се пренесува. Таа не претставува голема закана за јавното здравје и не предизвикува тешка клиничка слика во споредба со другите варијанти. EГ.5 или Eрис, е поврзана со подваријантата на Омикрон и ја зголемува својата распространетост на глобално ниво, а најпогодени во моментов се Велика Британија, Кина и САД.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство минатата недела објави дека подваријанта на Ерис, EГ5.1 опфаќа околу 15 отсто од секвенционираните случаи на ковид-19 во Англија.