Пожар на дива депонија – чад над Скопје
Голем пожар кој утрово избувна на дивата депонија кај Визбегово сè уште беснее, а густиот црн чад се издига над градот и се гледа од повеќе правци. Се вклучени најмалку четири противпожарни возила, тимови на ЈП „Комунална хигиена“, како и авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кој дејствува од воздух.
Закана за населението – можно евакуирање
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредуваат дека пожарот може да се прошири кон околните површини, а во непосредна близина се наоѓаат станбени куќи.
„Градоначалникот на Шуто Оризари е известен дека, доколку се процени ризик, може да се премине кон евакуација на населението во тој дел од градот“, соопштија од ЦУК.
Граѓаните од Скопје – Центар, Бутел, Ѓорче и Шуто Оризари – алармираат за неподнослив чад и загаден воздух, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии и видеа од огромниот дим.
Противпожарни сили на терен
Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, за МИА изјави дека на терен интервенираат со четири возила и оти гаснењето се одвива под тежок чад и отежнати услови.
Ситуацијата се следи во реално време, а воздушната поддршка од „ер тракторот“ е клучна за да се спречи ширење кон населените места.