Промоција на дигиталната лична карта и возачката дозвола

Дигиталната лична карта и возачката дозвола ќе бидат достапни за сите граѓани од 1 октомври, преку мобилна апликација што ќе се промовира на Самитот за дигитализација на Западен Балкан. Настанот ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври, а од тој ден, ќе може да се симне и тест-верзијата на апликацијата, информира Министерството за дигитална трансформација.

Апликацијата ќе функционира како електронски паричник, алтернатива на физичките документи. Министерот Стефан Андоновски најави дека Македонија е пред многу земји од Балканот со воведување на ваква дигитална услуга. Тој изјави дека примерот на Грција покажува колку вакви решенија се ефикасни.

Нови закони ја отвораат вратата за дигитална трансформација

Собранието денеска ги изгласа клучните закони од реформската дигитална агенда:

  • Закон за електронски комуникации

  • Закон за сајбер-безбедност

  • Закон за електронски документи и е-услуги

  • Закон за архивска дејност

Со овие закони се создава правна основа за користење на дигитална лична карта и возачка дозвола. Тие се усогласени со стандардите на ЕУ, посочи Андоновски.

Една апликација за извод, потврда за неосудуваност и известувања

Порталот uslugi.gov.mk веќе брои над 6.300 корисници, според податоците на министерството. Андоновски рече дека судовите веќе ја прифаќаат електронската потврда за неосудуваност издадена преку порталот.

– Час поскоро ќе го исклучиме стариот систем за изводи од матична книга. Ќе се користи исклучиво uslugi.gov.mk. Ќе воведеме и „електронско сандаче“ за известувања до граѓаните – нагласи Андоновски.

Министерот потврди дека Владата има програмска обврска за дигитален попис во 2026 година. Тој објасни дека веќе е формирана работна група која ќе ги изготви техничките предуслови.

– Ако не успееме до тогаш, следната шанса ќе биде редовниот попис во 2031. Но ние сме решени да ја вратиме довербата на граѓаните преку транспарентен и ефикасен електронски попис – рече Андоновски.