Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека земјата се уште не може да го одобри влезот на Шведска во НАТО поради, како што наведе, поддршката за терористите.
„Ја поддржавме политиката на отворени врати на НАТО. Го одобривме приклучувањето на Финска, но не можеме да го одобриме членството на оние кои ги поддржуваат терористите“, рече Ердоган, пренесе ТАСС.
Тој додаде дека очекува Шведска да ги исполни своите обврски. Ердоган изјави дека на претстојниот самит на НАТО со сојузниците ќе разговара за проблемите поврзани со приемот на Шведска. Самитот на Алијансата ќе се одржи на 11 и 12 јули во главниот град на Литванија, Вилнус.