Ердоган, кој за претседател првпат беше избран во 2014 година, а реизбран во 2018 година, планира повторно да се кандидира на изборите. Откако беше реизбран за претседател во 2018 година, тој воведе систем на управување со кој ја укина функцијата премиер и ги концентрираше повеќето овластувања во рацете на претседателот
Претседателските и парламентарните избори во Турција ќе се одржат на 14 мај, објави синоќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нашите очекувања од вас, нашите млади луѓе, кои првпат ќе гласаат на претстојните избори, се да го видите светот и нашата земја на најдобар и најкоректен начин со можностите што ви стојат на располагање“,
рече Ердоган
Претходно, претседателските и парламентарните избори во Турција беа закажани за 18 јуни.
Ердоган, кој е на власт од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година како претседател, планира повторно да се кандидира. За претседател првпат беше избран во 2014 година, а реизбран во 2018 година. Истата година, Ердоган (68) воведе систем на управување со кој ја укина функцијата премиер и ги концентрираше повеќето овластувања во рацете на претседателот. Пред тоа, претседателот имаше главно церемонијална функција.
Поддржувачите на Ердоган тврдат дека тој е избран во 2018 година за прв претседател во новиот претседателски систем по големите уставни измени, а според тоа, неговиот претходен мандат не се смета.
Опозицијата, пак, го обвинува Ердоган за економскиот пад на Турција и за уништување на граѓанските права и слободи велејќи дека ревидираниот систем претставува владеење на еден човек.
Според анкетите, претстојните парламентарни и претседателски избори во Турција ќе бидат неизвесни и ќе бидат најголемиот тест за поддршка на Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) во изминатите две децении.