Реакцијата на спасувачките тимови по големите земјотреси на југот на Турција не беше толку брза како што сакаше владата, изјави денеска претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Иако моментално ја имаме најголемата спасувачка група во светот, спасувачките напори всушност не беа толку брзи како што сакавме да бидат“, рече Ердоган.

Ердоган претходно прифати дека првичниот одговор, веднаш по земјотресот, бил бавен поради лошите временски услови, оштетените патишта и фактот дека десет провинции во земјата биле погодени од земјотресот.

Некои граѓани во најтешко погодените области се пожалија дека на теренот нема служби за итни случаи во клучните неколку часа по земјотресот, тврдење што го повторија опозициските политичари, кои ја обвинија владата на Ердоган.

Ердоган рече дека спасувачките операции продолжуваат и дека спасувачките тимови од целиот свет им се придружиле откако 94 земји понудиле помош. Околу 24,4 милиони луѓе во Сирија и Турција беа погодени од земјотресот, според турските власти и Обединетите нации, во област широка 450 километри од градот Адана на запад до Дијарбекир на исток.