Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја посети провинцијата Хатај, најпогодена од земјотресите што се случија пред еден месец во Турција и Сирија. Како што изјави Ердоган, бројот на починати достигна 48.000 во Турција, повеќе од 115.000 лица се повредени, а уништени се околу 50.000 згради.
Според него, властите ги мобилизирале сите расположливи сили за расчистување на урнатините по земјотресот и покрај студеното време и уништените патишта.
„Сто земји ни испратија помош со ангажирање спасувачи. Многу сум им благодарен“, рече Ердоган.
На 6 февруари два силни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ја потресоа провинцијата Кахраманмарас во Турција, која се наоѓа на југоистокот на земјата.
Двата најсилни земјотреси проследени со илјадници последователни потреси се почувствувани во единаесет провинции, како и во соседните земји, а најмногу настрада Сирија.