„Есенската кошница“ заврши

По завршувањето на владината мерка „есенска кошница“, анализите од Министерството за економија покажуваат дека ограничувањето на маржите придонело за намалување на трошоците на основните прехранбени производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши извести дека, според податоците, просечно четиричлено семејство заштедило меѓу 690 и 1.360 денари, во зависност од потрошеното и продавниците каде што се купувало.

  • „Според нашите податоци, цените на производите од есенската кошничка паднаа за 5% до 10% во просек. Намалувањето беше поизразено кај месото, зеленчукот и млечните производи, додека кај основните артикли како леб, масло и млеко, тоа беше минимално или немаше промени,“ изјави Дурмиши.

Министерот најави дека не очекува поскапувања во блиска иднина. Доколку сепак дојде до такви тенденции, министерството ќе реагира со строги мерки. Дурмиши додаде дека очекува првите ефекти од Законот за нефер трговски практики да бидат видливи уште овој месец, иако трговците изразиле одредени забелешки што ќе се разгледуваат до крајот на годината.

  • „Трговците се пожалија на ограничувањето за поврат на непродадените производи, предвидено со законот. Ова прашање го разгледавме и ќе работиме на решение што ќе им овозможи подобри услови за работа,“ додаде Дурмиши.

Реакции од СДСМ: „Неуспешна мерка со минимален ефект“

Од СДСМ, пак, сметаат дека замрзнатите маржи не успеале да ги постигнат посакуваните ефекти. Според нивната портпаролка Богданка Кузеска, мерката е последица на „лошо и непромислено работење на Владата“.

  • „Граѓаните, наместо вистинска заштеда, почувствуваа само разочарување. Синдикалната кошничка се намали за симболични 57 денари месечно. Легитимно е да се запрашаме дали ова е сериозна економска политика или само обид за замајување на јавноста,“ истакна Кузеска.

Нови „кошнички“ наменети за претстојните празници

Како следен чекор, министерот најави „божиќна кошничка“ на крајот на годината, а дополнително се планираат и краткотрајни „кошнички“ за претстојните Рамазан и Велигден.