Со цел поуспешно пребродување на кризата со топлинска енергија, Владата го задолжи АД ЕСМ да основа три трговски друштва за вршење поединечна енергетска дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје, чиј основач и единствен содружник ќе биде АД ЕСМ, информираат од Акционерското друштво.
Новооснованите друштва, велат од ЕСМ, ќе бидат задолжени да се јават во постапката за избор на вршител на енергетска дејност кој што ќе има обврска за обезбедување на јавната, односно универзалната услуга, која ја спроведува Владата.
– АД ЕСМ ќе влезе во овој проект со свои капацитети, но и со нови капацитети во делот на опремата и човечките ресурси, се со цел да обезбеди континуирано и стабилно снабдување на Скопје со топлинска енергија за претстојната грејна сезона. Во овој проект ќе помогне и Владата, со носење на брзи одлуки и поддршка во делот на финансиите, се вели во соопштението.
Исто така, АД ЕСМ е задолжен да формира уште еден ДООЕЛ-Топлификација Битола, кое ќе има обврска да го спроведува реализирањето на договорот во прва фаза кој АД ЕСМ го има склучено за изградба на топловодот од РЕК Битола до градот Битола. Во следните фази ова Друштво ќе се грижи за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на Битола и другите две општини, проект замислен пред 30 години, а кој сегашниот менаџмент на АД ЕСМ и Владата го спроведуваат.
Топлификација Битола, велат од ЕСМ, е инвестиција од над 40 милиони евра, од кои дел се средства на ЕСМ, а поголемиот дел се поволна кредитна линија од германската КФВ Банка, и е проект кој ќе донесе големи еколошки и економски придобивки за трите општини кои гравитираат околу РЕК Битола, а тоа се Битола, Новаци и Могила.