АД ЕСМ во текот на минатата година се задолжил со 961.175.000 денари, или со 16 милиони евра, кај две домашни деловни банки, а кредитите биле подигнати за тековна поддршка, објави Фактор.

Ова е напишано во финансискиот извештај за ланското работење на акционерското друштво кое е најголем производител на електрична енергија и при тоа голем дел од своите приходи минатата година ги добиваше како субвенции од владиниот буџет.

Каматните стапки по кои ЕСМ се задолжил се од 2,5 до 3 отсто. ЕСМ ги користи услугите на уште една деловна банка од претходните години, но за финансирање на инвестициски проекти како купување на гасна централа и механизација.

ЕСМ должи и кај меѓународни кредитори, а основата на вкупните обврски кај сите банките е на околу 3,85 милијарди денари, или долг од 63 милиони евра. Задолженоста кај банките за само една година се зголемила за милијарда денари, односно нешто повеќе од 16 милиони евра.

Оваа година, според обврските што ги има ЕСМ во 2023, на двете деловни банки кои одобриле краткорочни кредити за тековна поддршка, ќе треба да им се исплати камата од вкупно 26 милиони денари (430.000 евра), додека основицата е 660 милиони денари (околу 11 милиони евра) за враќање.

Отплатата на задолжувањата оваа година ќе биде многу поголема од ланската, според прикажаното. Ќе треба кон домашните и странски банки да се вратат 30 милиони евра само оваа година.

Со енергетската криза, рапидно се зголемиле и побарувањата што ги има ЕСМ кај своите купувачи (Електродистрибуција, МЕПСО, ЕВН и други) на 60 милиони евра на крајот од минатата година, но од таму велат дека долговите компанијата ќе ги наплати според договорената динамика.