Етиопија прогласи вонредна состојба

Е

Централната влада на Етиопија прогласи вонредна состојба на национално ниво што ќе важи во следните шест месеци, откако Народноослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ) последните денови успешно напредува на територијата во државата.

Свет 03.11.2021. 09:10

Вонредната состојба, меѓудругото, овозможува воспоставување блокади на патиштата, откажувања на транспортните услуги, воведување полициски час и преземање на власта од страна на војската во одредени области, наведува Советот на министри.

Според овие мерки, секој осомничен за поврзаност со терористички групи, исто така, може да биде приведен без судски налог.

Претходно, етиопските власти ги повикаа жителите на Адис Абеба да се вооружат и да организираат вооружена одбрана на нивните станбени области.

Огненото оружје треба да биде регистрирано во полицијата во следните два дена, изјави градскиот функционер Кенеа Јадета, додавајќи дека сите делови на етиопското општество биле повикани да соработуваат.

Во изминатите неколку дена војската беше принудена да се повлече од важните градови во регионот Амхара, кој се граничи со главниот град, во конфликтот со бунтовниците на Народноослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ).

Заедно со бунтовниците од Ослободителната војска на Оромо (ОЛА), ТПЛФ успеа да добие пристап до еден од најважните автопати во земјата и сега напредува кон Адис Абеба.

Пред една година Владата почна воена офанзива против ТПЛФ, кој дотогаш беше на власт во северниот регион Тиграј.

ТПЛФ доминираше во Етиопија, со нејзините околу 115 милиони жители, цели 25 години додека не дојде на власт Абиј Ахмед во 2018 година и го собори.

Водечките членови на војската пребегнаа во ТПЛФ, што им овозможи на бунтовниците да постигнат големи успеси за кратко време.

Од почетокот на август, конфликтот се прошири и во соседните региони Афар и Амхара. Судирите доведоа до сериозна хуманитарна криза во северниот дел на земјата.


Подкаст

Подкаст