Oграничувањето од 100 милилитри за течности: Новите правила важат само за опремени аеродроми
Oграничувањето од 100 милилитри за течности, аеросоли и гелови во рачниот багаж официјално е укинато од страна на Европската Унија за летови што полетуваат од нејзините аеродроми.
Новите правила се применуваат само на терминали што користат напредна технологија за скенирање на багаж, односно CT-скенери. Тие овозможуваат патниците да носат течности и гелови до два литра, без потреба од вадење при безбедносна контрола.
CT-опрема ја замени старата проверка
Аеродромите кои се опремени со современи скенери наскоро ќе им дозволат на патниците да носат течности и други супстанци во значително поголеми количества. Ваквиот пристап, според ЕУ, ќе го забрза протокот низ безбедносните зони, а притоа ќе ја задржи контролата на висок безбедносен стандард.
Новата опрема го овозможи укинувањето на стариот систем, кој важеше повеќе од две децении.
Одлуката следува по ресертификацијата на безбедносната опрема на компанијата „Смитс Детекшн“, која во 2024 година беше предмет на проверка поради сомнежи околу нејзината ефикасност. По техничка евалуација, беше потврдено дека таа ги исполнува стандардите за целосна имплементација во сите земји-членки.
Ограничувањето за носење течности било воведено по терористичките напади врз Светскиот трговски центар во 2001 година. Со тоа, се постави лимит од 100 милилитри по сад за сите течности, поради безбедносни причини поврзани со потенцијални експлозивни закани.
Новата технологија сега дозволува побезбеден и пофлексибилен начин на проверка, со што старата забрана станува излишна на модерно опремените аеродроми.