Европската комисија го назначи словенечкиот дипломат Марко Маковец за главен советник за помирување и нормализација на Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за проширување и источно соседство. Назначувањето го соопшти Европската комисија, а информацијата ја пренесе регионалната телевизија „Н1“.

Генералниот директорат е надлежен за политиката на проширување на Европската Унија и за односите со источните соседи на Унијата. Неговата улога е да им обезбедува поддршка на земјите со европска перспектива во исполнувањето на политичките, правните и институционалните критериуми потребни за членство.

Маковец до неодамна ја извршуваше функцијата шеф на кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос. Претходно беше директор во Европската служба за надворешно дејствување, каде што беше задолжен за Западен Балкан, Турција, земјите од Европската економска област, како и за односите со Обединетото Кралство по Брегзит.

Во својата дипломатска кариера Маковец извршувал и повеќе високи функции во словенечката дипломатска служба и во Владата на Словенија. Со новата функција тој ќе биде вклучен во напорите на Европската Унија за унапредување на регионалниот дијалог, помирувањето и нормализацијата на односите меѓу земјите од Западен Балкан.