Турција која во моментов има улога на „балансер“ треба да биде внимателна за да не потпадне на пропагандата на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во Анкара, Николаус Меер-Ландрут.

Таквата изјава на амбсадорот е во контекст на очекувањата на Брисел Турција да ги забрани, како што рече, „руските пропагандни канали“, притоа посочувајќи ја телевизиската станица „Раша Тудеј“. Тој истовремено изрази уверување дека Анкара нема да ги поткопува санкциите што ЕУ ги наметна против Москва заради рускиот воен напад врз Украина.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пред неколку дека рече дека Турција го остава отворен својот воздушен простор за руски цивилни летови, за да можат руските државјани од ЕУ и од другите земји се уште да патуваат, наспроти забраната што ЕУ ја воведе за руските авиони уште од 27 февруари.

Турската страна засега не се приклучува кон санкциите против Москва.

Турција од една страна очигледно е со НАТО и Украина, што е признаено од ЕУ, но истовремено Анкара упатува и критики кон Запад. Анкара се гледа себеси како посредник меѓу завојуваните страни во украинскиот конфликт.

„Турција нема да го задржи тој баланс на подолг рок“, изјави амбасадорот Меер-Ландрут.