Преку црвени рози, како симбол на љубовта, ќе биде пренесена главната порака на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа – „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, фокусирана на борбата против говорот на омраза и дискриминацијата.
Јавниот настан ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, денеска од 12:00 до 14:00 часот, на влезот на „Школка“. На настанот ќе присуствуваат млади активисти, јавни личности и поддржувачи на кампањата за подигање на свеста и информирање на граѓаните за борбата против говорот на омраза и дискриминацијата.
На настанот ќе бидат поделени цвеќиња и материјали поврзани со кампања, а ќе присуствуваат и дел од амбасадорите против говор на омраза и младите европски амбасадори. Сите заинтересирани ќе имаат можност да се фотографираат и дискутираат со амбасадорите за начините за борба против говорот на омраза и дискриминација во локалните заедници и општеството во целина.
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да ја покрене свеста за различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротвиставување на говорот на омраза. Кампањата вклучува јавни личности, институции, организации и клучни активисти за човекови права кои преку лични сведоштва, приказни и размена на добри практики ќе промовираат разноликост и еднаквост во локалните заедници и ширум регионот.
Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија”, кој е дел од програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022″, финансирана од Европската Унија и Советот на Европа.