Европската Унија изрази загриженост поради инциденти и нерегуларности на локалните избори во Србија, одржани на 29 март во десет општини.

Делегацијата на ЕУ во Србија соопшти дека внимателно го следела изборниот процес, при што биле регистрирани извештаи за насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и новинари.

„Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат брзо и транспарентно решавање на овие прашања и да ги повикаат сторителите на одговорност“, се наведува во соопштението.

Од ЕУ нагласуваат дека државата има обврска да ги заштити граѓаните, да обезбеди безбедни услови за набљудувачите и да ја гарантира сигурноста на новинарите за време на изборниот процес.

Воедно, ја поздравија високата излезеност и фактот што било овозможено меѓународно набљудување.

Сепак, предупредуваат дека се потребни конкретни подобрувања и реформи пред следните избори.

Тие повикаа на целосно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, со вклучување на сите релевантни страни.

„Правилното функционирање на демократските институции е клучно за процесот на пристапување на Србија кон Европската Унија“, се додава во соопштението.

Локалните избори беа проследени со низа инциденти, вклучувајќи тепачки, напади и обвинувања за изборни нерегуларности.