ЕУ усвои 18-ти пакет санкции насочени кон банкарскиот, енергетскиот и воено-индустрискиот сектор на Русија

ЕУ усвои 18-ти пакет санкции против Русија, што е дел од засилениот притисок врз Москва поради војната во Украина. Новиот сет мерки, според Европската комисија, „удира во срцето на руската воена машинерија“ и ја засилува изолацијата на Кремљ на меѓународната сцена.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави договорот на амбасадорите на ЕУ за воведување на 18. пакет санкции против Русија, оценувајќи дека тој „удира во срцето на руската воена машинерија“.

– Санкциите се насочени кон банкарскиот, енергетскиот и воено-индустрискиот сектор на Русија, вклучително и со ново, динамично ограничување на цената на руската нафта. Притисокот останува активен и ќе трае додека Путин не ја запре оваа војна – напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс.

Банки, нафта, трети земји – целосна забрана за трансакции

Новите мерки, меѓу другото, предвидуваат исклучување на уште околу 20 руски банки од меѓународниот платен систем СВИФТ, ограничување на трговијата со нафта, како и целосна забрана за трансакции со Русија, вклучително и за преработена руска нафта во трети земји.

Пакетот ќе биде официјално усвоен на денешниот состанок на министрите на ЕУ во Брисел, при што се можни дополнителни измени пред неговото финално изгласување.