Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја оправдаа фаворитската улога вечерва во полуфиналната пресметка против Тинекс Пролет и со победа од 28-21 обезбедија пласман во дуелот за трофејот во македонскиот Куп во ракомет во машка конкуренција.
Во ниту еден момент од натпреварот во Охрид не беше доведена во прашање победата на битолскиот состав, кој веќе на полувреме имаше убедливо водство од 17-10.
Во второто полуфинале, кое е на програмата вечерва од 20 часот, ќе играат Вардар 1961 против Алкалоид.
Титулата ја брани Вардар 1961, кој со 15 трофеи е рекордер во натпреварувањата во националниот Куп, додека Алкалоид е дебитант на завршниот турнир.