Почната првата фаза од евакуација од Израел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска изјави дека 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација од Израел. Осум од нив, меѓу кои има и четири деца, ќе бидат префрлени во Египет. Од таму ќе се транспортираат со владиниот авион до Скопје.

„Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, Министерството преку нашата амбасада во Израел започна активности за евакуација на наши граѓани. Формиран е кризен штаб за нивно безбедно извлекување. Согласно најновите информации, 28 државјани побарале поддршка за евакуација“, рече Муцунски.

Тој додаде дека се очекува осуммина да заминат најдоцна до утре, а остатокот ќе биде евакуиран по воспоставување на редовниот авионски сообраќај од Тел Авив.

Ќе се користи владиниот авион и безбедносен конвој

„Очекуваме осум наши државјани до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија. Ќе се организира и безбеден конвој за транспорт кон Египет. Во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион кој ќе обезбеди транспорт“, изјави министерот Муцунски на прес-конференција.

Според него, околу 100 македонски државјани се наоѓаат на територијата на Израел, од кои 28 досега побарале евакуација од Израел.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно потврди дека владиниот авион ќе биде ангажиран во процесот.

„Секојдневно сум во комуникација со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, и се прави план за евакуација на заробени македонски граѓани. Ќе биде ангажиран и владиниот авион да бидат пренесени во некоја од соседните земји, најверојатно во Египет. Во моментов се девет граѓани, и очекувам до утре да заврши евакуацијата“, изјави Мицкоски.

Кризен штаб, СОС контакти и апел до граѓаните

Министерството за надворешни работи вчера апелираше до сите државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да стапат во контакт со институциите доколку им е потребна конзуларна помош.

Истовремено, се препорачува воздржување од патувања кон овие земји додека не се подобри безбедносната состојба.

„Во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција“, се наведува во соопштението на МНРиНТ.

Контактите за итна асистенција се следниве:

  • Амбасада на Република Македонија во Тел Авив
    Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
    Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk

  • Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
    Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
    Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk